„Ербас А321нео“ на компанијата „Ита Ервејз“ полетал од Дакар за Рим ноќта меѓу 29 и 30 април со 155 патници, но се вратил со еден повеќе.
На летот AZ855 се родило бебе – момче по име Мохамед Алесандро.
Пилотот на авионот, Алесандро Ванучи (52), изјавил дека екипажот не бил известен дека меѓу патниците има жена во седми месец од бременоста. Во пилотската кабина со него бил и првиот офицер Филип Стојменов (34), пишува „Кориере дела Сера“.
Драмата започнала во 2:47 часот по италијанско време.
„Еден час и шест минути по полетувањето ме повика шефицата на кабинскиот персонал и ми кажа дека една патничка не се чувствува добро. Ја прашав како е и дали ѝ е потребна лекарска помош“, раскажал Ванучи.
View this post on Instagram
Само три минути подоцна стигнала нова информација – на патничката ѝ пукнал водењакот.
Додека кабинскиот персонал се грижел за жената, во помош притрчале две патнички – италијанската докторка Антониета Серино и француската медицинска сестра Анаис Жендро.
Нивната помош била клучна во породувањето на 10.000 метри височина.
Во исто време, пилотите собирале метеоролошки податоци и информации за најблиските аеродроми на рутата.
Пилотот потоа отишол лично да ја провери ситуацијата и од докторката побарал проценка колку е блиску породувањето.
„Не знаевме во каква состојба ќе биде детето бидејќи стануваше збор за предвремено породување“, изјавил пилотот, опишувајќи ја тешката одлука со која се соочиле сред лет над пустината.
„Се наоѓавме над Мавританија, во пустинскиот дел на Западна Сахара. Одлуката за пренасочување зависи од позицијата и фазата на летот. Инаку долж рутата има соодветни алтернативни аеродроми, но во овој случај бевме во изолирано подрачје, па ситуацијата беше посложена“, изјавил Ванучи.
View this post on Instagram
По проценката на ситуацијата, пилотите одлучиле да се вратат во Дакар.
„Размислував за мајката и детето и за тоа која е најдобрата одлука во тој момент“, рекол тој.
Во меѓувреме се родило момче.
Мајката, покрај името Мохамед, му го дала и името Алесандро во чест на пилотот.
„Ги известивме патниците за среќниот настан и сите аплаудираа. Тоа се емоции што ќе ги паметам целиот живот“, изјавил Ванучи.
Тој додал дека ова му бил прв ваков случај во кариерата.
„Сум се сретнал со разни здравствени ситуации за време на летови, но ниту една не била толку посебна и чувствителна“, рекол пилотот.
Ова е воедно и првото бебе родено на лет на компанијата „Ита Ервејз“.
По слетувањето во Дакар и згрижувањето на мајката и бебето, авионот неколку часа подоцна го продолжил патот кон Рим.







