Трамп: Русија и Украина договорија тридневно примирје, oва е почеток на крајот на војната

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека меѓу Русија и Украина ќе биде воспоставено тридневно примирје од 9 до 11 мај. Трамп ова го објави на социјалната мрежа „Truth Social“, наведувајќи дека за време на примирјето ќе бидат прекинати сите борбени активности и ќе биде извршена размена на по 1000 воени заробеници од секоја страна.

„Задоволен сум што можам да објавам дека ќе биде воспоставено ТРИДНЕВНО ПРИМИРЈЕ (9, 10 и 11 мај) во војната меѓу Русија и Украина“, напиша Трамп.

Тој додаде дека во Русија се одбележува Денот на победата, но и дека Украина била „голем дел и важен фактор во Втората светска војна“.

„Примирјето ќе вклучува прекин на сите борбени активности, како и размена на 1000 заробеници од секоја земја“, напиша тој.

Трамп тврди дека барањето за примирје дошло директно од него и дека цени што го прифатиле рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Ова барање директно го поставив јас и многу ценам што го прифатија претседателот Владимир Путин и претседателот Володимир Зеленски“, наведе тој. Трамп изрази надеж дека станува збор за почеток на завршување на војната.

„Се надевам дека ова е почеток на крајот на една многу долга, смртоносна и тешка војна. Преговорите за завршување на овој голем конфликт, најголем од Втората светска војна, и понатаму траат и секој ден сме сè поблиску до договор“, напиша американскиот претседател.

Засега нема официјална потврда од Москва ниту од Киев за деталите на примирјето ниту за размената на заробеници.

Scroll to Top