Филипче: Не смееме да дозволиме српско и руско влијание да ја оттурне Македонија од ЕУ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на панел-дискусијата во рамки на конференцијата „Седум децении подоцна: Од визијата на Шуман до новите геополитички предизвици на Европа“, порача дека Македонија не смее да дозволи српското и руското влијание да ја оттурне од европскиот пат и нагласи дека проширувањето на Европската Унија денес е јасна геостратешка цел и за самата Унија.

Филипче истакна дека скептицизмот кон проширувањето е надминат и дека сега постои јасна политичка волја за интеграција на регионот во Европската Унија – можност што државата треба да ја искористи.

„Скептицизам кој беше укажуван од земји членки како Франција и Данска, сега е целосно променет. Данската амбасадорка во Собранието, кога ги образложуваше приоритетите на претседателството, кажа: ‘Ние бевме против, сега сме за проширување’. Сакаме да го искористиме овој момент. Зашто? Поради тоа што е веќе јасно дека проширувањето е геостратешка цел и бенефит и на Европската Унија“, рече Филипче.

Во обраќањето, тој предупреди дека разговорите за какви било алтернативи на европскиот пат се опасни и штетни за државата, посочувајќи дека регионот веќе се движи напред кон членство во ЕУ.

„Жалам што слушам за алтернативи некакви денеска, тоа е недозволиво во наша земја. Тоа не треба да го помислиме. Од што се плашиме? Каква членка ќе бидеме? Се плашат ли Црногорците? Не, сега ги завршија обврските и одат напред. Не може да не го споменеме унгарското и српското влијание на нашата власт. Не може да не ги споменеме бизнис врските кои што водат до највисокиот периметар на власт, затоа што тоа е многу опасна работа која што сега се случува. И можеби дел од причините за тоа што не го продолжуваме европскиот пат“, рече Филипче.

Тој додаде дека граѓаните повеќе немаат доверба во функционалноста на системот во државата и дека без европските стандарди и европското правосудство тешко може да се врати довербата кај младите и граѓаните.

„Луѓето немаат верба повеќе. Може ли да се врати вербата во правосудството? Не може без европското правосудство. Не веруваат луѓето повеќе. Ќе ја вратат ли вербата младите да останат во земјата? 80% од моите студенти учат германски јазик и сакаат да си одат“, рече Филипче.

Scroll to Top