Купила брод на Фејсбук за 2.500 евра и започнала голема авантура: Работите брзо тргнале наопаку

Дигиталните платформи, како што е Facebook Marketplace, станаа многу популарни во последниве години и на нив можете да најдете сè – од домашни колачи до бродови и чамци.

Една млада Американка на споменатата платформа пронашла нешто за што верувала дека ќе го означи почетокот на нејзината „авантура од соништата“. Меѓутоа, нејзиното прво патување се претворило во вистинска борба за опстанок.

Клер Ерин (28) од Вирџинија се заљубила во животот на море по нејзиното прво едрење. Воодушевена од чувството на слобода, решила да направи голем чекор и да си купи сопствен брод.

Кога на платформата Facebook Marketplace здогледала едрилица по име „Mysto“ за 2.500 евра, не размислувала многу. Пленот бил амбициозен – да помине четири месеци пловејќи низ каналскиот систем Intracoastal Waterway, долг речиси 5.000 километри, долж брегот на Атлантикот и Мексиканскиот Залив.

По 24 часа поминати зад кормилото, Клер решила да ја закотви едрилицата и да се одмори во текот на ноќта. Местото го пронашла преку апликацијата Navionics, по препорака на друг корисник.

„Помислив дека, дури и ако нивото на водата опадне, можам едноставно да ја почекам следната плима и да продолжам понатаму“, раскажала Клер.

Таа вечер заминала на спиење без да насетува дека ќе се разбуди во вистински кошмар, пишува „Мирор“, пренесе „Телеграф“.

„Ме разбуди звукот на водата околу шест часот наутро. Бев престрашена и не знаев што да правам“, рекла таа.

Скокнала од креветот, а глетката што ја затегнала била „застрашувачка“. Бродот бил навален на една страна, а водата навлегувала во внатрешноста низ прозорците.

„Водата влегуваше низ прозорците и веќе имаше поплавено половина од кабината. Целиот резервоар се испразнил, сè мирисаше на дизел“, опишала Клер.

Речиси сè што имала било уништено. Водата стигнала до моторот, храната се расипала, креветот и облеката биле натопени, а алатот бил уништен од комбинацијата на солена вода и гориво.

Подоцна сфатила дека осеката била многу посилна отколку што очекувала, додека прозорците на бродот пропуштале повеќе отколку што претпоставувала.

За среќа, претходно уплатила пакет за помош преку компанијата BoatUS Towing, која успеала да го префрли пловилото на побезбедна локација. Меѓутоа, следувал нов проблем – солената вода го оштетила моторот, па тој повеќе не можел да се запали.

Ситуацијата станала уште потешка кога Клер добила проценка дека транспортот до најблискиот град, Вилмингтон во Северна Каролина, би можел да чини околу 8.500 евра. Таа ги немала тие пари.

Останала сосема сама среде вода, со една единствена цел – да го оспособи моторот и да го спаси бродот.

„Знаев дека морам да го задвижам агрегатот или ќе изгубам сè. Пет дена работев од утро до мрак обидувајќи се да го поправам“, рекла таа.

Условите во кои живеела тие денови биле речиси неподносливи. Сите работи ѝ биле мокри, немала резервна облека, а поголемиот дел од храната бил уништен поради мешавината од солена вода и дизел.

„Спиев во мокар кревет. Немав што да јадам, освен една кесичка ф’стаци. Тоа беше вистински пекол“, се присетила таа.

По пет исцрпувачки денови се случило она на што се надевала – моторот конечно проработел.

„Мислам дека никогаш во животот немам слушнато поубав звук од моментот кога тој конечно се активираше“, раскажала младата Американка.

Успешно допловила до блиската марина, каде што ја испрала облеката, го исчистила бродот и земала соба во хотел. По деновите поминати во изолација, без помош и основни услови за живот, тоа за неа претставувало огромно олеснување.

„Не се откажав бидејќи немав избор. Или ќе го решев проблемот, или ќе го изгубев бродот. Не дојдов дотука за да се откажам“, заклучила таа.

Приказната набрзо го привлече вниманието на социјалните мрежи, каде што многумина ја пофалија нејзината упорност, снаодливост и храброст самата да преброди ситуација која лесно можела да заврши многу полошо.

Scroll to Top