Речиси 35.000 евра непријавени пари биле пронајдени во автобус што сообраќал од Германија кон Македонија, при контрола што денеска ја спровела полицијата на подрачјето на Тетово.
Според информациите од МВР, автобусот „мерцедес“, сопственост на туристичка агенција, бил запрен од полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки. Возилото го управувал 37-годишниот Р.Ф. од тетовското село Доброште.
При прегледот на автобусот, полицијата во приколката пронашла повеќе канти за кои, како што се наведува, немало соодветна документација и дозволи за транспорт.
Дополнително, кај еден од патниците – 20-годишниот Ф.И. од Теарце, биле пронајдени пет плика со различни апоени во вкупна вредност од 34.965 евра.
Според МВР, парите биле внесени во државата преку граничниот премин Табановце без да бидат пријавени, а патникот не поседувал документи за потеклото и сопственоста на средствата.
Двете лица биле приведени, а по целосното расчистување на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.







