Поранешниот командант на иранската Револуционерна гарда и воен советник на врховниот лидер на Иран, Мохсен Резаи, изјави дека ако САД продолжат со војната, Техеран ќе им го загорчи животот на Американците и ќе предизвика големи проблеми за американската економија, објави денес американската телевизиска станица „Фокс њуз“.
„Исламската Република ви кажува дека ако продолжите со војната, тоа ќе им го загорчи животот на американскиот народ и ќе предизвика големи проблеми за американската економија“, рече Резаи на прес-конференција.
Тој рече дека Техеран му го предложил на Вашингтон „патот со најниска цена“ и дека сака искрени преговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно денес објави на својата социјална мрежа Truth Social дека преговорите со Иран напредуваат добро за Иран, но дека мировниот договор мора да им одговара на сите страни.
„Тоа ќе биде само голем договор за сите или никаков договор – назад на бојното поле и пукање, но поголемо и посилно од кога било досега – и никој не го сака тоа“, рече Трамп во соопштението.
Американскиот весник „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани посредници меѓу САД и Иран, наведува дека преговорите денес се забавиле, поради силните позиции на двете страни за иранската нуклеарна програма и укинувањето на санкциите против Техеран.
Во текот на викендот, Трамп и други претставници во американската администрација изјавија дека е блиску до постигнување договор, а Трамп кратко потоа изјави дека нема да брза со склучување на договорот, ако тој не е добар.







