Во македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложбата „Mind(e)scapes“ на Асоцијацијата за култура ИКОН

Вчеравечер во македонскиот КИЦ во Загреб бројната публика имаше можност да се запознае со делата на четворица современи македонски уметници — Ѓорѓе Јовановиќ, Јасмина Главинче, Владимир Лукаш и Вук Митевски — кои преку цртеж, слика, графика, илустрација и анимациски имагинариум ги истражуваат внатрешните пејзажи, личните состојби, сеќавањата и фрагментите на современото искуство.

На отварањето на изложбата „Mind(e)scapes“ на Асоцијацијата за култура ИКОН, свое обраќање имаше директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која нагласувајќи ја улогата на уметноста како средство за комуникација, интроспекција и општествена рефлексија ја истакна важноста од претставувањето на современата македонска уметност пред меѓународната публика. Таа додаде дека изложбата „Mind(e)scapes“ преку цртежот, графиката и визуелната поетика воспоставува релација меѓу четири различни, но комплементарни авторски пристапи преку кои се создава дијалог меѓу индивидуалните поетики на авторите и поширокиот културен контекст“.

На присутните им се обрати и кураторката на изложбата, Марија Коробар, која претставувајќи го концептот на изложбата и уметничките поетики на авторите истакна дека „изложбата е замислена како простор на внатрешни пејзажи, лични слики, сеќавања, фрагменти, хумор, тишина и имагинација. Насловот Mind(e)scapes игра со поимите mindscapes и escapes, отворајќи можност да размислуваме за уметноста како ментален простор, но и како бегство од секојдневното. Изложбата се фокусира на менталниот пејзаж како уметнички мотив и истражувачка алатка – како визуелизација на процесот на размислување, чувствување и спознавање, истакна кураторката. “.

Изложбата е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам и ќе биде отворена до 2 јуни.

Scroll to Top