Јордански државјанин е уапсен под сомнение дека извршил измама, откако истражните органи утврдиле дека ја украл банкарската картичка на познатиот актер Џони Деп и преку неа потрошил повеќе од 600.000 евра.
Познатиот актер наводно воопшто не забележал дека од неговата сметка повеќе од две години исчезнуваат огромни суми пари, сè додека матичната банка не ги означила трансакциите како сомнителни. Истражителите успеале да ги лоцираат интернет-купувањата, што довело до апсење на осомничениот во изнајмен стан во Будимпешта.
Унгарските власти соопштија дека 27-годишниот маж ги користел украдените податоци од кредитната картичка за онлајн пазарување и резервации на сместување. Полицијата во моментов проверува дури 308 одделни трансакции, чија вкупна вредност изнесува околу 620 илјади евра. На видеоснимките што ги објави унгарската полиција е прикажан и самиот момент на приведувањето на мажот со лисици.
Истрагата била отворена на почетокот на оваа година, кога американска финансиска институција стапила во контакт со канцеларијата на ФБИ во Унгарија поради нелегални исплати од сметката на нивен клиент. Детективите подоцна утврдиле дека станува збор за Џони Деп, кој не ги забележал стотиците трансакции направени во периодот меѓу јануари 2024 и декември 2025 година.
Полициските службеници успеале да го следат патот на парите преку ИР-адреси, е-пошти и унгарски телефонски број што бил користен при резервациите. При претресот на станот, запленети се електронски уреди за кои се верува дека служеле за измамата, а пронајдени се и супстанции за кои постои сомнеж дека се наркотици, поради што е покрената и дополнителна истрага. Иако осомничениот ги негира обвинувањата, судот му одреди мерка притвор. Истрагата сè уште се обидува да утврди како биле преземени податоците од картичката „Американ експрес“, а меѓу опциите се кражба на податоци, нивно протекување или компромитирана онлајн трансакција. Патем, Деп изминативе години често престојуваше во Будимпешта поради снимање на различни филмски проекти.
Фото: Depositphotos







