Николоски на терен: Во Могила градиме улици, канализациони и водоводни системи, спортски комплекс и градинка

Во Општина Могила во тек е значителен инвестициски циклус вреден околу 700.000 евра, преку кој се реализирани и се подготвуваат повеќе инфраструктурни проекти финансирани од општинскиот буџет, државниот буџет и преку програмите на Светска банка. Ова денеска го истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила.

„Навистина ми е драго што денеска во Општина Могила ќе посетиме неколку проекти кои што ги работи градоначалникот, дел со средства од буџетот на општината, дел со средства од буџетот на државата, дел преку програмата на Светска банка и навистина ми е драго што веќе гледаме реализирани проекти“, изјави Николоски.

Тој посочи дека веќе е реализирана улицата „Гоце Делчев“, наскоро ќе започне изградбата на улицата „Пелагонија“, додека преку проект на Светска банка се работи на улицата „АСНОМ“. Во рамки на истата програма, како што нагласи, завршени се и улицата „Шемница“ во Могила, како и една улица во селото Трновци.

„Вкупно зборуваме за еден инвестициски циклус од 700.000 евра во проекти. Драго ми е што реализацијата оди со задоволително темпо и што проектите се реализираат, што ќе значи огромен бенефит за граѓаните“, рече Николоски.

При посетата тој се осврна и на останатите развојни проекти во општината, посочувајќи дека е во функција спортски комплекс, а во наредните денови се очекува да биде пуштено во употреба и новото фудбалско игралиште, кое е донација од Фудбалска федерација на Македонија.

„Станува збор за еден голем сет на проекти што мислам дека многу ќе значи за жителите на општината. Ние ќе продолжиме да поддржуваме и да реализираме проекти во наредниот период“, истакна Николоски.

Од Општина Могила очекуваат реализацијата на планираните инфраструктурни зафати дополнително да ги подобри условите за живот на граѓаните и да придонесе за локалниот развој.

Scroll to Top