На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Братислава беше пречекана од претседателот на Република Словачка, Петер Пелегрини.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следеше пленарен состанок на македонската и на словачката делегација.
Во фокусот на разговорите беше оценката и унапредувањето на билатералните односи, со акцент на политичката соработка, нашата маратонска евроинтеграција и словачката поддршката во процесот. Предмет на дијалогот беа и: економската соработка, трговската размена и инвестициите, како и можностите за засилено партнерство во енергетиката, инфраструктурата, туризмот и иновациите.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните безбедносни и геополитички состојби во Европа, соработката во рамките на НАТО, како и потребата од стабилност и јасна европска перспектива на регионот.
Во рамките на официјалната посета, предвидено е претседателката да оствари средба со претседателот на Националниот совет на Република Словачка, Рихард Раши, како и со потпретседателот на Владата на Република Словачка и министер за одбрана, Роберт Калињак.







