Кога ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, проектот со „Бехтел и Енка“ беше претставуван како симбол на криминал, нетранспарентност и штетно трошење на народните пари. Граѓаните слушаа ветувања дека договорот ќе биде репреговаран, дека ќе се утврди одговорност и дека ќе се стави крај на практиките кои ја чинат државата милијарди евра, велат од Левица.
Денес, реагираат од оваа партија, наместо репреговарање, гледаме нешто сосема спротивно.
„Истата власт која ветуваше пресврт, сега обезбедува нови средства и нови задолжувања за истиот проект. Ако договорот бил криминален тогаш, зошто денес се финансира? Ако бил штетен за државата, зошто не е изменет? Ако бил пример за лошо владеење, зошто сега се продолжува по истиот пат?
Но проблемот е подлабок од една партија и еден проект. Четириесет години не успеавме да изградиме систем во кој капиталните проекти ќе се реализираат без анекси, без дополнителни милионски трошоци и без постојано префрлање на товарот врз граѓаните. Наместо функционална инфраструктура, добиваме нови долгови. Наместо резултати, добиваме оправдувања“.
Во време кога, како што додаваат, соседните држави се натпреваруваат кој ќе привлече повеќе инвестиции, кој ќе изгради подобра инфраструктура и кој побрзо ќе се интегрира во европските економски текови, Македонија останува заглавена во кругот на политички пресметки, нереализирани ветувања и континуирано задолжување.
Според Левица, статус кво ситуацијата продолжува. А со нea, продолжува, оценуваат од партијата и изолацијата на државата. „Наместо Македонија да стане регионален центар за инвестиции, транспорт и бизнис, таа сè повеќе ризикува да стане спореден и ирелевантен фактор на Балканот. Цената на тоа не ја плаќаат политичарите. Ја плаќаат граѓаните, компаниите и идните генерации кои ќе ги враќаат долговите создадени денес“.







