Пет земји од Европската Унија предлагаат ограничување на правото на глас за идните членки на блокот

Група земји-членки на Европската Унија (ЕУ) предлага идните членки на блокот да имаат ограничени права за време на транзицискиот период по приемот во членство, пренесуваат светските агенции.

Клучен меѓу овие ограничувања е предлогот за ограничено право на глас на новите членки на ЕУ.

„ЕУ треба да спроведе детална дискусија за можноста за привремени, преодни ограничувања на правото на глас за новите земји-членки, особено во областите од законодавството на ЕУ каде што е потребна едногласност (на пр. проширување, заедничка надворешна и безбедносна политика, повеќегодишна финансиска рамка), земајќи ги предвид правните и политичките чувствителности“, се наведува во таканаречениот нон-пејпер потпишан од Германија, Франција и земјите од Бенелукс (Холандија, Белгија и Луксембург)“.

Документот, според Ројтерс, ги наведува можните опции што би можеле да бидат вклучени во идните договори за пристапување, вклучувајќи нов механизам за следење и заштитна клаузула што би овозможила преземање мерки во случај на сериозни застои во области како што се демократијата и слободата на медиумите.

„ЕУ треба да има детална дискусија за можноста за привремени, преодни ограничувања на правото на глас за новите земји-членки, особено во делови од правното законодавство на ЕУ каде што е потребна едногласност“, се наведува во документот, кој укажува дека одлуките за проширување, надворешна политика и буџетот на ЕУ бараат согласност од сите земји-членки.

Кипар, кој е актуелен претседавач со ЕУ, минатата недела објави дека започнал подготовки за формално отворање на преговорите за првата група преговарачки поглавја, кои ги опфаќаат владеењето на правото и демократските стандарди, со Украина и Молдавија, според написите.

Scroll to Top