Претседателот на Општинската организација на СДСМ – Карпош, Панче Милевски, денеска побара од градоначалникот Сотир Лукровски јавно да им се обрати на граѓаните и да објасни зошто не се појавува на работното место по истекот на неговото официјално боледување.
Според Милевски, боледувањето на Лукровски завршило на 29 мај, но оттогаш тој не се вратил на работа, ниту пак јавноста добила информација за неговото отсуство и за тоа кој раководи со општината.
„Не навлегуваме во ничија здравствена состојба, но јавноста има право да знае дали градоначалникот е способен да ја извршува функцијата за која е избран и дали Општина Карпош има активно раководство“, изјави Милевски.
Тој оцени дека општината се наоѓа во институционален хаос и ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ за, како што рече, лоши кадровски и политички одлуки.
Милевски упати повик до Лукровски, доколку не е во можност да ја извршува функцијата градоначалник, да покаже лична и политичка одговорност и јавно да ја соопшти својата одлука.
Според СДСМ, евентуалната оставка би овозможила создавање услови за нови избори на кои граѓаните на Карпош би одлучиле кој ќе ја води општината во наредниот период.







