Германија го губи статусот на ветена земја

Германската економија веќе денес очајнички бара квалификуван кадар, но поради забрзаното стареење на населението овој проблем во наредните години би можел да прерасне во сериозен економски предизвик.

Според најновата студија на Институтот за германска економија (IW), недостигот на работна сила ќе биде значително поголем отколку што се предвидуваше досега.

Новите прогнози покажуваат дека Германија се соочува со историски дефицит на работници, што би можело сериозно да влијае врз стабилноста на најголемата европска економија.

Студијата издвојува три клучни показатели:

  • До 2036 година на германскиот пазар на труд ќе недостигаат околу 4,3 милиони работници, што е значително повеќе од прогнозата од пред две години, кога се споменуваа три милиони.
  • Демографските проекции покажуваат дека до 2045 година во Германија ќе живеат околу 81,1 милион жители, што е за 2,9 проценти помалку од денес.
  • Вкупниот потенцијал на работната сила ќе се намали за 6,9 проценти до 2036 година – од 55 милиони лица во 2025 година на 51,2 милиони.
    Странците губат интерес за Германија

Како главна причина за ваквите прогнози, експертите од IW ги наведуваат значително пониските стапки на доселување во споредба со претходните економски модели.

Германија, која со децении важеше за ветена земја за работници од целиот свет, сè побрзо ја губи својата привлечност на глобалниот пазар на труд, пренесува „Феникс магазин“.

Клучна причина за намалениот интерес е долготрајната слабост на германската економија, како и сè поголемите структурни проблеми на пазарот на труд. Многу странски стручњаци денес избираат други дестинации, што дополнително го отежнува пополнувањето на работните места.

Споредбата со прогнозите од пред само неколку години покажува колку брзо се влошиле трендовите. Проекцијата од 2024 година, која предвидуваше умерен економски и демографски раст до 2040 година, повеќе не се смета за реална.

Во извештајот се наведува дека до 2036 година работоспособна возраст ќе достигнат само 9,8 милиони жители, што нема да биде доволно за да го надомести големиот бран пензионирања.

На подолг рок, до 2045 година потенцијалот на работоспособното население ќе се намали за 8,3 проценти и ќе изнесува околу 50,4 милиони луѓе.

Доколку овие прогнози се остварат, германските компании би можеле да бидат принудени на сериозни промени во работењето, затворање на дел од производствените капацитети или преселување на производството во други земји, пренесе „Б92“.

Scroll to Top