Фондот на ПИОМ: Воспоставена е електронска размена на податоци за пензиско и инвалидско осигурување со Австрија

Фондот на пензиското и инвалидското осигурување потпиша Договор за редовна размена на давања и податоци за смртност со институциите за задолжително австриско пензиско осигурување од Република Австрија- Институцијата за пензиско осигурување (PVA), Службата за социјално осигурување на претприемачи (SVS) и Институцијата за осигурување на вработени во јавни служби, железници и рударска индустрија (BVAEB).

Договорот го потпишаа директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов и Винфред Пингера во името на австриските институции.

„Сакам да истакнам дека овој Договор е значаен напредок во нашата соработка и ќе овозможи поефикасна и побрза размена на податоци кои се од голема важност и ќе придонесе да се забрза процесот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување за граѓаните на Македонија и на Австрија“, рече директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов.

Пингера нагласи дека потпишувањето на Договорот, некој би го оценил како мал чекор, но тоа е голем чекор за корисниците и осигурениците.

„Овој чин покажува колку се добри нашите односи, колку е добро нашето заедничко работење. Со него им го олеснуваме остварувањето на правата на нашите осигуреници. Ова е важен чекор и се надевам не последен. Нашата соработка ни покажа дека можеме да работиме заедно, да си веруваме и да ја интензивираме идната соработка. Сакам да ви заблагодарам на вашата помош и придонес во потпишувањето на овој Договор, затоа што е многу важен, иако можеби не се опфатени многу луѓе, но за нив лично тој е и те како важен.“, рече директорот Пингера.

Инаку Договорот го регулира обемот и начинот на размена на податоците, како и нивната безбедност и заштита, што се од исклучителна важност за работата на институциите, како и за довербата во пензискиот систем.

Потпишувањето на овој Договор, како што рече директорот на Фондот на ПИОМ, Мемов, е една од клучните активности на Фондот во насока на подобрување на меѓународната соработка, особено преку воведувањето на електронска размена на податоци, со која се зголемува ефикасноста, прецизноста и квалитетот на услугите.

Фондот на ПИОМ досега има потпишано договори за електронска размена на податоци со сите држави што произлегоа од поранешна Југославија и со овој Договор со Република Австрија е заокружен процесот на соработка со земјите од регионот.

„Сакам да истакнам дека имаме јасна визија во кој правец треба да се движиме како Фонд и оваа соработка е чекор напред што ќе го подобри квалитетот на услугите, ќе ја зголеми точноста на податоците и ќе помогне да се исклучат сите можни грешки. Очекувам во иднина да ја прошириме размената со институциите од Република Австрија и со други важни информации од интерес на двете страни. Убеден сум дека потпишувањето на овој Договор ќе придонесе во зајакнувањето на соработка и е во најдобар интерес на граѓаните на двете држави“, рече Мемов.

Во 2024 година, Фондот на ПИОМ исплатил пензии за 182 лица во Австрија во износ од 527.783,41 евра, а во 2025 година се исплатени 242 пензии во износ 653.097,74 евра. Од австриска страна во 2024 година се исплатени вкупно 2018 пензии во износ од 9.172.676,51 евра.

Scroll to Top