Иран ќе бара конечниот договор со САД, вклучително и делот што се однесува на нуклеарната програма, да биде поддржан со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека Техеран очекува договорот да добие поддршка од Советот за безбедност во рок од 60 дена по неговото потпишување.
Во меѓувреме, САД и Иран продолжуваат со преговорите за деталите од договорот, меѓу кои е и режимот на пловидба низ Ормутскиот Теснец. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека Вашингтон очекува теснецот долгорочно да биде отворен без транзитни такси, но додаде дека тоа прашање ќе биде предмет на технички преговори.
Од Техеран повторија дека нема да наплаќаат транзитни такси, туку надоместоци за услуги како навигација, заштита на животната средина и осигурување на бродови.
Според претходни информации, нацрт-договорот предвидува повторно отворање на Ормутскиот Теснец, укинување на американската блокада на иранските пристаништа и продолжување на примирјето, додека разговорите за иранската нуклеарна програма би продолжиле во дополнителен рок од 60 дена.







