Претседателот на Црна Гора: Наша амбиција е да се приклучиме кон ЕУ во 2028 година

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, денеска се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што го повтори амбициозниот план на Подгорица да стане членка на ЕУ во 2028 година, што, како што рече, би било „заедничка победа“ за неговата земја и Европската Унија.

„Црна Гора ќе донесе во Унијата искуство на општество кое ја зачува мултиетничката хармонија во регионот со товарот на тешката историја, медитеранската отвореност и балканската отпорност“, рече 39-годишниот црногорски претседател на пленарна седница во францускиот град.

Во согласност со името на партијата од која доаѓа, Движењето „Европа сега!“, Милатовиќ им ја повтори на европратениците својата амбиција Црна Гора да се приклучи кон Европската Унија уште во 2028 година.

Милатовиќ зборуваше во Стразбур еден ден откако неговата земја затвори уште две поглавја од преговорите, со што нивниот број достигна 16, речиси половина од вкупно 33 поглавја.

Тој го прогласи членството на својата земја 20 години по враќањето на независноста за едно од најзначајните достигнувања во нејзината модерна историја, но и за „клучен момент за политиката на проширување“.

„Црна Гора е подготвена за ова“, нагласи Милатовиќ. Додаде дека неговата земја веќе е стратешки усогласена со ЕУ на голем број нивоа. Таа веќе го користи еврото и е членка на НАТО усогласена со европската надворешна и безбедносна политика.

„Задачите што претстојат се зајакнување на владеењето на правото, формирање независни институции и ефикасна јавна администрација“, рече црногорскиот претседател.

„Претстојното можно пристапување на Црна Гора ќе биде заедничка победа за земјата и Европската Унија, како и охрабрување за другите земји од Западен Балкан, доказ дека реформите водат кон целта“, додаде тој.

 

фото/Depositphotos

Scroll to Top