Регулаторот издаде наредба: Google мора да обезбеди поголема контрола врз содржината

Британскиот регулатор за заштита на конкуренцијата CMA му наложи на Google да им даде поголема контрола врз користењето на содржината во пребарувањето со вештачка интелигенција, како и при обука на AI моделите на Google.

Онлајн издавачите и медиумските куќи сега ќе можат да се откажат од користењето на нивната содржина во AI резимеата што ги прикажува Google, како и за понатамошна обука и усовршување на AI моделите, објавува Guardian.

Извршната директорка на CMA, Сара Кардел, изјави дека брзиот развој на функции како што се Google AI Overviews го менува начинот на кој функционира интернет пребарувањето, поради што е важно издавачите, вклучително и медиумските куќи, да имаат соодветна моќ за преговарање кога станува збор за користење на нивната содржина.

Според новите правила, Google ќе мора да обезбеди јасно наведување на изворот и директни врски до оригиналната содржина во резултатите од пребарувањето со вештачка интелигенција, за корисниците полесно да можат да ги потврдат информациите и да пристапат до оригиналните текстови.

Регулаторот верува дека таквата можност ќе им даде на издавачите целосна контрола врз различните начини на кои нивната содржина се користи во системите за вештачка интелигенција.

Одлуката доаѓа по поплаките од медиумските организации дека воведувањето на AI резимеата довело до пад на посетите на нивните веб-страници, што има директно влијание врз приходите од рекламирање и претплати.

CMA истакнува дека новите правила се дизајнирани да одговорат не само на постојните, туку и на идните промени што Google ќе ги воведе во своите пребарувачки услуги. Google има рок од девет месеци да ги спроведе бараните промени, а британскиот регулатор објави дека внимателно ќе го следи нивното спроведување, се вели во медиумските извештаи.

Регулаторот додаде дека ќе воведе дополнителни мерки поврзани со онлајн пребарувачкиот бизнис на компанијата во наредните недели.

Scroll to Top