Шпионирање на СП? Мексиканската армија срушила дрон

Селекторот на фудбалската репрезентација на Јужна Кореја, Хонг Мјунг-Бо, го опиша инцидентот со дрон што прелетал над затворениот тренинг на неговиот тим во Гвадалахара пред натпреварот на Светското првенство против Мексико како несреќен.

Мексиканската војска пресретнала и соборила летало што се приближувало до тренинг-кампот, потврдил во средата, федерален функционер за Асошиејтед Прес.

Во четврток, Јужна Кореја игра против ко-домаќинот на турнирот, Мексико. Двата тима се борат за место во нокаут-фазата на натпреварувањето. Селекторот Хонг се осврна на инцидентот на прес-конференција.

„Да, вчера за време на нашиот тренинг имаше дрон на небото, дознавме за тоа. За среќа, се појави непосредно пред да почнеме да вежбаме тактики, па не нè загрижи многу. Но, со оглед на тоа што се подготвуваме за натпреварот, ова е најважниот момент. Затоа е жално што се случи“, рече Хонг.

Неименуван мексикански федерален агент, кој не бил овластен јавно да зборува за инцидентот, изјавил дека воените сили користеле специјализирана опрема за откривање на „нерегистриран дрон“ и потоа одлучиле да го „неутрализираат“.

Операцијата е дел од обемниот безбедносен план за фудбалскиот турнир што започна минатата недела и се одржува во Мексико, САД и Канада до 19 јули.

Службеникот не прецизираше кога се случил инцидентот или дали имало апсења. Тој само изјави дека неколку дронови што се обиделе да влезат во безбедносните зони околу стадионите во Мексико Сити, Гвадалахара и Монтереј, како и камповите на националните тимови и фан-зоните, биле неутрализирани во последните денови.

Во март, мексиканските власти го претставија безбедносниот план за Светското првенство наречен „План Кукулкан“, кој вклучува околу 100.000 федерални и локални воени и полициски сили, системи за рано предупредување и безбедносни протоколи за тимови, службени лица и навивачи.

Foto/ EPA

Scroll to Top