„ФИФА треба да го забрани тоа“: Боатенг ја критикуваше техниката на Кејн од белата точка

Пеналот на Хари Кејн предизвика големи реакции, но не од причините што многумина ги очекуваа.

Англија го отвори настапот на Светското првенство со убедлива победа над Хрватска, но не и без контроверзии. Најголемиот дел од возбудувањата се случија во првото полувреме. Хари Кејн ги доведе Англичаните во водство од својот втор обид од белата точка, но „коцкестите“ успеаја да израмнат преку Мартин Батурина во 36. минута. Сепак, Кејн до крајот на првиот дел постигна уште еден гол и повторно ја донесе Англија во водство.

Хрватска уште еднаш се врати во игра со голот на Петар Муса, но Англија во второто полувреме целосно ја презеде контролата. Само две минути по паузата, Џуд Белингем погоди за 3:2, а Маркус Рашфорд во финишот ја потврди победата од 4:2.

По натпреварот, тема на дискусија стана пеналот на Кејн од првото полувреме. Лука Модриќ направи прекршок за најстрога казна, а Доминик Ливаковиќ го одбрани првиот удар на англискиот капитен.

Сепак, ВАР-собата процени дека хрватскиот голман се поместил од гол-линијата пред ударот, па пеналот беше повторен. Во вториот обид Ливаковиќ не успеа да интервенира.

„Тоа треба да се забрани!“

Она што предизвика најмногу реакции не беше повторувањето на пеналот, туку начинот на кој Кејн го изведе ударот. Неговата специфична техника со кратки застои при залетот не им се допадна на сите, а дел од фудбалската јавност смета дека таквиот начин на изведување треба да биде забранет.

Меѓу најгласните критичари беше поранешниот фудбалер на Милан, Барселона и Шалке, Кевин-Принс Боатенг, кој порача дека ФИФА треба да го укине ваквиот пристап.

„Тоа треба да се забрани“, изјави Боатенг за CBS.

По натпреварот, Кејн објасни дека претходно го анализирал начинот на кој Ливаковиќ реагира при пенали и дека знаел оти хрватскиот голман ќе излезе од гол-линијата.

Scroll to Top