По синоќешниот немил настан што предизвика големо внимание во јавноста, денеска градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, изврши увид на детското игралиште „Патрик“, кое беше вандализирано и сериозно оштетено од група млади лица, информираат од општината.
Станува збор за, како што велат од таму, за едно од најубаво уредените детски катчиња во Општина Аеродром.
„Простор создаден за игра, дружење и безгрижно детство. За жал, токму ова место вчера беше мета на несовесно и недозволиво однесување, при што е причинета штета која според првичните проценки изнесува повеќе илјади евра.
Веднаш по добиените информации, градоначалникот Митески заедно со екипите на Општина Аеродром излезе на терен. Од безбедносни причини игралиштето е привремено затворено, а во најкус можен рок ќе се изврши санација на штетите и замена на оштетените реквизити со нови“.
Случајот, соопштија од општината, е пријавен во полиција и поднесени се соодветни пријави против сторителите. Ваквото однесување, потенцираат надлежните, не смее да остане неказнето, затоа што станува збор за свесно уништување на имот што им припаѓа на сите граѓани.
„Посебна благодарност до нашиот сограѓанин Никола Поповиќ, кој со својата брза и одговорна реакција помогна да се спречи понатамошното дивеење и нанесување уште поголема штета“.
Од општината со повик до граѓаните доколку забележат вандализам, уништување на јавен имот или какво било несовесно однесување, веднаш да ги известат општинските служби и полицијата.
„Само заедно можеме да ги заштитиме местата што ги користат нашите деца и сите жители.
Мора да ставиме крај на ваквите појави. Јавното добро не е ничие приватно игралиште за уништување. Тоа е создадено со средства на граѓаните и е обврска на сите нас да го чуваме и почитуваме.
За жал, вакви случаи не се случуваат само во Аеродром, туку и во многу други општини и населени места. Затоа е потребна поголема општествена одговорност, повеќе грижа и јасна осуда на секој обид за уништување на заедничкиот простор“.







