Мицкоски: Соседна држава шири теза ЕУ да ја сопре финансиската помош за Македонија за таа да клекне и да го исполни барањето, а истата опасна теза ја шири опозицијата во Македонија

„Соседна држава на Македонија шири информација ЕУ да не и помага финансиски на Македонија, да и се скратат сите фондови како ЕУ, затоа што ако и помага, Македонија ќе напредува, а во спротивно, ако нема ЕУ фондови за Македонија, тогаш ќе дојде пред банкрот, ќе биде приморана да клекне, да моли и на тој начин да се реализира тоа коешто се бара од нив“, соопшти премиерот Христијан Мицкоски, без да открие која соседна држава ја шири оваа теза, а е членка на ЕУ.

Како одговор на пратеничко прашање за обвинувањата од опозицијата дека Македонија е пред банкрот, Мицкоски се надоврза дека токму тоа се тезите и на македонската опозиција.

„И ова е многу опасна теза којашто денеска ја шири опозицијата. А фактот е дека оваа влада ги сервисира сите обврски преземени од претходната влада. Не се чека ни ден, ни милиметар во било која област, дали е тоа Министерството за внатрешни работи, дали е тоа во одбраната или е тоа по некоја основа во другите ресори.

Во Министерството за транспорт сега ги префрливме проектот за коридорот 8 и 10Д, во Јавното претпријатие за државни патишта, железницата, коридорот 8 итн. Вклучително и оние обврски, како солидарниот данок, обврски коишто беа од претходната влада на начин на којшто јавноста следеше, практично се одземаа пари од компаниите, иако тврдевме дека е неуставно, дека ќе имаме проблем и тоа ние го враќаме, вклучително и пресуди коишто доаѓаат од Европскиот суд за човекови права кои што се десет или петнаесет години стари. И тоа го враќа, исто така, оваа влада. И не очајуваме, не кукаме, не држиме прес-конференции да велиме „вака било- така било“, тоа е нашата обврска и ние таа обврска си ја следиме со сите предизвици со коишто располагаме и резултатите ги кажавме, со бројки коишто ги објавува Меѓународниот монетарен фонд. Јасно се вели, за трипати помал долг и за трипати пократко време, имаме раст на номиналниот бруто домашен производ за 140 милиона долара повеќе од претходната влада“, сподели Мицкоски.

„Јас знам дека некој не сака да ја гледа успешна Македонија, не сака да ја гледа консолидирана, не сака да ја гледа како си ги завршува своите обврски, прави реформи, прва е во испорака на европската агенда. Еве уште од сега ви најавувам дека и во јуни ќе бидеме први, информацијата ќе стигне септември-октомври и еве уште сега ви најавувам. Следна цел ќе ни биде во декември да бидеме повторно најдобри. Тоа е нашата цел и ние така функционираме, да направиме пристојна убава држава со којашто нашите потомци, оние коишто доаѓаат по нас, ќе се гордеат. За тоа треба време, затоа што разорен е ефектот на погрешните политики на претходната влада. Разорен е, девастирачки, катаклизмичен по било кој основ. За тоа треба време. Но, приоритет по приоритет, визави ресурсите со коишто располагаме, ги решаваме тие недостатоци коишто ги наследивме“, одговори Мицкоски.

Scroll to Top