Кога навивавме со цело срце

Пишува: Нелко Менкиноски

Припаѓам на онаа генерација за која Светското првенство во фудбал не беше само турнир на милионери. Беше празник над сите празници.

Тоа беше време кога животот запираше, а добар дел од домашниот буџет завршуваше кај локалниот трафикант за сликички од „Панини“.

Се сеќавате на тој ритуал? Купуваш десет пакетчиња, па сите пред зграда: „Имам, имам… немам… менувам дупликати!“ А кога ќе останеа оние најретките, почнуваше вистински пазар.

Па „пафте-пуфте“, „тапка” или „поклопец“, на бетон со сликичките, сè додека не ни побелеа дланките. За еден Џајиќ, Шурјак или Пикси се боревме како за суво злато. А на светската сцена им се поклонувавме на боговите – Марадона, Кемпес, Зико…

Инаку, ако зборуваме за оваа „болест“, шампион во нашето семејство е жена ми Билјана. Ги има речиси сите Панини албуми – од 1982 година до денес. Баш додека го пишувам овој текст, се договара со Војдан и мајка му Анѓа во понеделник да направат голема „размена на играчи“.

Но, ако сакаме приказната да биде целосна, мора да си признаеме и каде нè болеше.

Сè уште ме пече Светското во Аргентина 1978. Како не се пласиравме со онаква репрезентација? Цело лето го поминавме гледајќи како Кемпес ја освојува титулата среде конфетите во Буенос Аирес, а ние дома си ги гризевме ноктите од мака.

Затоа, пак, никогаш нема да го заборавам Франкфурт во 1973 година. Голот на Јосип Каталински против Шпанија за победа од 1:0 и пласман на Светското во Германија 1974.

А таму? Каква чест!

Југославија го отвори шампионатот против тогашниот светски првак Бразил. За влакно ќе ги победевме – се спасија со 0:0. Неколку дена подоцна му го наплативме сето тоа на Заир – неверојатни 9:0. Ни се чинеше дека сме најсилните на светот.

Во 1982 година, кога Светското се играше во Шпанија, јас бев морнар во Југословенската воена морнарица. По нерешеното со Хондурас и елиминацијата уште во групите, во воената кантина настана вистинско „бојно поле“. Од мака искршивме столчиња, а командантот сакаше сите да нè стави во притвор. Само што и самиот, сигурен сум, тајно тагуваше.

Во Мексико 1986 не се ни пласиравме.

А Италија 1990… тоа беше вистинска драма. Кога Пикси, Сушиќ и момците испаднаа на пенали од Аргентина во четвртфиналето, плачеше цела држава – од Вардар до Триглав.

Но, тоа беа најубавите моменти. Исполнети со чиста љубов кон фудбалот, со неверојатна енергија и со едно заедништво што денес тешко се наоѓа.

Синоќа, гледајќи ја Босна и Херцеговина, по толку години повторно го почувствував истото.

Каква ноќ! Каква емоција! Со победата од 3:1 над Катар обезбедија пласман во шеснаесетфиналето на Светското првенство. Истата страст, истиот инает, истата непредвидливост поради која ги сакаш без резерва.

Босна денес најмногу ме потсетува на онаа наша поранешна држава – шарена, емотивна, понекогаш хаотична, но секогаш со душа.

А кога запеа Халид Бешлиќ… тамам помислив дека ќе ги задржам солзите, па ме „дотепа“ со „Миљацка“ и „И занесан пред кафаном“.

Си реков: кога веќе нема кој да крши столчиња по воените кантини како во 1982, време е да се кршат чаши во кафеана.

Фала ти, Босна.

Синоќа срцето повторно ми чукаше во оној стар, екс-ју ритам.

Напред момци. До крај.

Scroll to Top