Синдикатот на културата поведе постапка пред МОТ: „Една година, Љутков не најде време да седне на маса со синдикатите“

Синдикатoт на културата на Република Македонија (СКРМ) поведе постапка пред Меѓународната организација на трудот во врска со Колективниот договор. Од таму обвинија дека министерот за култура, Зоран Љутков, повеќе од една година не седнал на преговарачка маса со синдикатите за да се обидат да најдат заедничко решение.

„Денес со жалење објавуваме дека СКРМ поведе постапка пред Меѓународната организација на трудот (МОТ). Претставката е поднесена откако сите механизми и инструменти за мирно решавање беа надминати, а синдикатите ставени пред свршен чин со постапката пред Уставниот суд за укинување на Колективниот договор за култура. Велиме со жалење, затоа што повеќе од една година Министерството за култура и туризам, предводено од министерот Зоран Љутков, не најде за потребно да седне на преговарачка маса со синдикатите и да се обидеме заеднички да најдеме решение. Наместо тоа, работите ескалираа до степен во кој, поради непочитувањето на правата утврдени со Колективниот договор, СКРМ беше принуден да поднесе околу 800 тужби против институциите, додека иницијативата поднесена од „загрижен граѓанин“ беше прифатена од Уставниот суд, кој сега е пред одлука за укинување или поништување на Колективниот договор за култура“, велат од СКРМ.

Од таму велат дека добиле препорака од надлежните во МОТ, жалбата да ја поднесат пред Комитетот за слобода на здружување и наведуваат дека ова е втора претставка од Република Македонија пред овој Комитет.

„Надлежните од МОТ неофицијално самите изразија сериозна загриженост од односот на државата кон вработените во културата. Според нивните неофицијални изјави, обиди за заобиколување на колективното договарање од ваков вид не сретнале ниту во земји како Индија, Бангладеш или Виетнам. Доколку Уставниот суд го укине Колективниот договор во ваков очигледно исфорсиран и изнуден процес без преседан, тоа нема да претставува само тежок удар за вработените во културата, туку и сериозен удар врз меѓународниот углед на Република Македонија, која би можела да се најде со епитетот „рушител на колективното договарање“ и да стане втората држава во Европа што укинала колективен договор“, соопшти синдикатот.

Воедно, СКРМ побарал од МОТ и медијација во случајот.

Од таму потсетуваат дека по интервенцијата на премиерот Христијан Мицкоски, Министерството за култура и туризам се одважило повторно да седне на преговарачка маса со СКРМ и СОНК. Сепак, велат од СКРМ, од досегашниот тек на преговорите се добива впечаток дека наместо да се бара заемно прифатливо решение, повторно се настојува да се наметнат однапред утврдени ставови, како што тоа беше случај и со упатствата од април и декември 2025 година.

„Денес таквите ставови се претставуваат преку текстот на решението на Уставниот суд, кој министерот го толкува како своја „црвена линија“, и покрај бројните конструктивни предлози кажани од синдикатите. СКРМ останува целосно посветен на преговарачкиот процес, но јасно порачува дека нема да прифати ултиматуми од кој било вид. Нашата борба отсекогаш била и ќе остане борба за почитување на работничките права, за достоинството на културните работници и за владеење правото. Од тие принципи нема да отстапиме“, велат од Синдикатот на културните работници.

Scroll to Top