Кривична пријава против поранешен градоначалник на Дебрца за несовесно работење во службата

Полицијата поднесе кривична пријава против З.Н. (60) од селото Волино, општина Дебрца, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според МВР, пријавениот, во својство на градоначалник на општина Дебрца, со пропуштање на должен надзор и несовесно постапување, односно без потпишан договор, им овозможил на неколку правни субјекти во деловна зграда во сопственост на општината, лоцирана на катастарска парцела во селото Волино, во периодот од 2017 до 2025 година слободно да вршат трговска дејност без обврска да плаќаат паричен надомест во буџетот на општината.

Од МВР наведуваат дека пријавениот го сторил тоа иако знаел дека, согласно Статутот, управува со сопственоста на општината и е должен да презема мерки и да го обезбедува користењето на општинскиот имот во согласност со закон.

На тој начин, според полицијата, пријавениот предизвикал значителна материјална штета на Општина Дебрца.

Scroll to Top