„Како Универзитет имаме нулта толеранција за корупција. Во академската заедница нема место за никој што ја злоупотребува својата позиција, го нарушува интегритетот на образованието и ја изневерува довербата што му е дадена“, реагираат од Универзитетот „Гоце Делчев“ во врска со информациите за приведена професорка од овој универзитет.
За жал, додаваат од таму, ниту еден систем не е целосно имун на поединци кои се подготвени да го прекршат законот и да ја злоупотребат довербата што им е укажана.
Токму затоа, како што потенцираат, целосно ги поддржуваат активностите на надлежните институции во борбата против корупцијата.
„Само со професионални, законити и неселективни постапки можат да се откријат, санкционираат и трајно да се отстранат ваквите појави од академскиот систем.
Веруваме дека токму ваквите постапки се единствениот пат кон посилни, поздрави и покредибилни институции. Ги повикуваме сите кои имаат сознанија за корупција или други незаконски дејствија да не молчат. На Универзитетот постојат воспоставени механизми за пријавување на вакви случаи и секој може без страв да ги искористи.
Истовремено, ги охрабруваме сите ваквите сознанија директно да ги пријавуваат и до надлежните институции“.
Само со навремено пријавување, појаснуваат од универзитетот, професионално постапување и доследно почитување на законот може да се изгради систем во кој знаењето, чесноста и личниот интегритет ќе бидат единствените критериуми за успех, а оние што ја злоупотребуваат довербата што им е дадена нема да имаат место во академската заедница.







