Победничката на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, младата балетска уметница Виола Имери, од 3 до 12 јули 2026 година ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска.
Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.
Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на отворањето на 22. издание на Танц Фест Скопје. Натпреварот и наградата ‘Роксан Стојанов’ се одржуваат под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова. На натпреварот настапија пет финалисти, избрани од вкупно 13 учесници: Антонија Атанасова, Виола Имери, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.
Жири-комисијата беше составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет, Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот. Првото место ѝ беше доделено на Виола Имери, второто место на Антонија Атанасова, а третото место на Јана Кепеска.
Антонија Атанасова и Јана Кепеска, како второ и третонаградени учеснички, добија дипломи и стипендии за учество на СИД кампот, кој ќе се одржи од 17 до 23 август 2026 година во Скопје, со што наградата продолжува да отвора можности и за поширока група млади танцови уметници.
Програмата за Виола во Франција е подготвена од Роксан Стојанов и нејзиниот тим. Веќе на почетокот на престојот, Виола ќе отпатува во Евиан, каде што на 5 јули ќе има можност да настапи во рамки на Rencontres Musicales d’Évian / Музичките средби во Евиан, во програмата „Танц и музика“, заедно со Роксан Стојанов.
Во Париз, Виола ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, како и часови по современ танц и џез. Нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска ќе има можност да присуствува на дел од часовите. Програмата вклучува и посета на претстави во Пале Гарние, Театар де ла Вил, Опера Бастиља и Кралската опера во Версај, како и средба со Роксан Стојанов и можност Виола одблиску да се запознае со секојдневието на ѕвездата на Париската опера.
Во рамки на престојот се предвидени средби и вмрежување со личности од светот на балетот и културата, како и средба со Роксан Стојанов и Игор Николов, Амбасадор на Република Северна Македонија во Париз. Ова искуство претставува значаен чекор за младата уметница, но и важен пример за тоа како преку соработка меѓу културни институции, дипломатски претставништва, мецени и професионалци од уметничката сцена, младите таленти можат да добијат конкретни можности за меѓународен развој.
Дафина Данилоска Кочевска, менторка на Виола Имери, изјави:
„Сакам од срце да се заблагодарам за заложбата и целокупната организација на натпреварот ‘Роксан Стојанов’. Навистина беше на завидно ниво. Заедно нè доближивте до остварување на еден сон. Ова е непроценливо искуство кое во иднина ќе го одреди патот на Виола и ќе ѝ помогне да стигне онаму каде што навистина заслужува да биде. Фестивалот во Евиан за нас претставува предизвик кој со драго срце го прифаќаме. Честа и задоволството се неизмерни – едноставно нема зборови кои би го опишале чувството. Длабок поклон и голема благодарност.“







