Водителката на емисијата „Низ град со Кики“, Кики Мукаетова, преку објава на социјалните мрежи сподели лично сведоштво за врсничкото насилство што го доживеала како дете, испраќајќи силна порака по последниот случај на врсничко насилство во Аеродром.
Таа откри дека како дете била жртва на тешко насилство, поради кое двапати ѝ бил скршен носот, ја скршила раката и со години се справувала со последиците.
„Два пати пукнат нос, скршена рака, тон трауми. Долги години работа со психолог и пак имам морници. И денес, на 18 години, уште го паметам стравот со кој одев во школо. Имав само 10 години, а секое седнување во клупа ми беше хорор“, напиша Мукаетова.
Таа додава дека последиците не ги почувствувала само таа, туку и нејзиното семејство.
„За сестрите имаше антигрупи на социјалните мрежи. Брат ми, на седум години, исто така помина низ траума“, наведува таа.
Во објавата, Мукаетова остро реагира и на насилството што денес се снима и споделува на социјалните мрежи.
„До кога ќе гледаме деца како тепаат, понижуваат, а сега и снимаат? Колку треба да си несреќен за да направиш вакво нешто? Вие што хушкате од страна додека едно дете е тепано и понижувано, дали навистина мислите дека сте јаки?“, прашува таа.
На крајот, Мукаетова апелира за построги санкции и поголема одговорност.
„Очајно ни треба одговорност. Најстроги казни – и за децата што вршат насилство и за родителите кога ја занемаруваат својата одговорност. Како општество, некако многу забораваме. Но децата што го преживеале овој хорор не забораваат никогаш“, порачува водителката на „Низ град со Кики“.
View this post on Instagram







