Седумдесет и двегодишен жител на Радовиш е лишен од слобода откако полицијата утврдила дека со ловечка пушка усмртил куче на улица, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, на 3 јули во 10:30 часот, полициски службеници од ОВР Радовиш го привеле Р.Л. (72) од Радовиш. Претходно било пријавено дека на 2 јули околу 22:00 часот на улицата „Благој Мучето“ се слушнал истрел од огнено оружје, по што на улицата било пронајдено усмртено куче.
Со преземените мерки било утврдено дека во кучето пукал Р.Л., кој во службен разговор го признал делото. Од него била одземена ловната пушка „Застава М75“, која ја поседувал со важечка дозвола.
Увид на местото извршиле инспектор за храна и ветеринарство, ветеринарен лекар и увидна екипа од ОВР Радовиш, при што било утврдено дека кучето е сопственост на Д.М. од Радовиш.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, а по неговото целосно документирање против Р.Л. ќе биде поднесена кривична пријава.







