Љутков-Раев: Во наредниот период треба да се пристапи кон реализација на конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за унапредување на културната размена

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска оствари средба со Султан Раев генерален секретар на Меѓународната организација за турска култура ТУРКСОЈ (TURKSOY)

На средбата, министерот Љутков упати благодарност за укажаното гостопримство за време на неговата посета на Анкара пред неколку месеци и изрази задоволство што генералниот секретар Раев, сега има можност да ја посети нашата земја, да се запознае со нашиот главен град, како и со еден од најубавите градови на Балканот, Охрид.

Во тој контекст, а во функција на потпишаниот Меморандум за разбирање Љутков истакна дека следната фаза треба да биде насочена кон имплементација на конкретни активности и иницијативи, нагласувајќи дека овој документ не смее да остане само формална рамка на хартија, туку треба да резултира со реализација на бројни заеднички проекти.

Генералниот секретар Раев, исто така, се заблагодари за гостопримството и се осврна на работата на ТУРКСОЈ, организација во која членуваат шест земји-членки и осум држави со статус на набљудувачи. Тој го информираше министерот Љутков дека во изминатиот период се потпишани меморандуми со повеќе држави со цел уредување и унапредување на соработката во областа на културата.

Раев посебно истакна задоволство што иницијативата за потпишување на договорот со Македонија, која датира уште од 2018 година, е реализирана токму во мандатот на министерот Љутков. Притоа, тој упати искрена благодарност за личниот ангажман на министерот во процесот на усогласување и потпишување на овој значаен документ.

Двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу Министерството за култура и туризам и ТУРКСОЈ има голем потенцијал и дека во наредниот период треба да се пристапи кон реализација на конкретни проекти и активности кои ќе придонесат за унапредување на културната размена, промоција на културното наследство и продлабочување на меѓународната соработка.

Scroll to Top