Утре почнува собраниската расправа за реконструкција на Владата

Собранието утре со почеток во 11 часот ќе ја одржи седницата за реконструкција на Владата, на која треба да бидат разрешени и избрани нови министри во осум ресори.

Ова е прва реконструкција на владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Според предложените кадровски решенија:

– Сашо Клековски е предложен за нов министер за здравство. Тој доаѓа од директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што треба да биде заменет од Златко Перински.

– Иван Стоиљковиќ ќе го преземе Министерството за локална самоуправа, додека неговото досегашно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците ќе го раководи Агон Ферати.

– Во Министерството за правда, Јетон Шасивари доаѓа на местото на Игор Филков.

– За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен актуелниот државен секретар Борче Серафимовски, кој ќе го наследи Цветан Трипуновски.

– Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе го преземе досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски, кој доаѓа на местото на Фатмир Лимани.

– Нов министер за култура и туризам треба да биде Седат Сулејмани, кој ќе го замени Зоран Љутков.

– За министер без ресор задолжен за инклузија и спроведување на Стратегијата за Ромите е предложен Ерџан Демир.

Во меѓувреме, владината коалиција се прошири со Демократската партија на Турците, чиј пратеник во изминатиот период настапуваше како независен.

Премиерот Христијан Мицкоски дополнително треба да го соопшти името на кандидатот од оваа партија кој ќе раководи со министерство без ресор.

Scroll to Top