СДСМ: Изборниот законик не е услов за ЕУ, туку спроведување фер избори

Тезата дека блокадата на Изборниот законик ја спречува Македонија да напредува кон ЕУ е свесна манипулација., велат од СДСМ.

„Европската Унија не бара промена на Изборниот законик по мерка на една партија. ЕУ бара кредибилни, фер и транспарентни избори, независно судство и борба против корупцијата. Токму тоа е она што ВМРО-ОКГ со години го блокира. Иако подобрувањето на изборното законодавство е дел од пошироката реформска агенда, конкретните решенија кои во моментов ги турка власта не се обврска кон Европската унија ниту претставуваат услов за напредок во преговарачкиот процес. Ова се нивни сопствени предлози, а не европски. Тоа се решенија кои отвораат простор за манипулации и контрола на изборниот процес, особено во делот на гласањето на дијаспората“, велат од СДСМ.

Наместо да се занимаваме со тоа како да се заштити волјата на граѓаните, додаваат од партијата, се врши притисок да се прифатат решенија кои овозможуваат изборна кражба.

Според СДСМ, тоа не е напредок кон ЕУ, тоа е чекор назад кон недемократски практики, што нè враќаат во времето на Груевски.

„Вистинската блокада на европскиот пат не доаѓа од опозицијата. Таа доаѓа од ВМРО-ОКГ, која веќе две години не спроведува суштински реформи и ја држи Македонија во изолација. Фер избори се предуслов за ЕУ, а не закон напишан за да се обезбеди предност за власта. Сè друго е обид да се прикрие сопствената неспособност и корупција зад европската агенда“, велат од партијата.

Scroll to Top