Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески учествуваше на дебатата за проширување на Европската Унија организирана од Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК), на која присуствуваа повеќе од 500 претставници на институциите, бизнис-заедницата, социјалните партнери и граѓанското општество од земјите членки на ЕУ и од земјите кандидати.
Дебатата организирана на највисоки ниво ја отворија претседателот на ЕЕСК Шејмус Боланд и еврокомесарката за проширување Марта Кос, која во своето обраќање истакна дека проширувањето останува еден од клучните стратешки приоритети на Европската Унија, со посебен акцент врз безбедноста, економскиот раст, подготвеноста на земјите кандидати и врз социјалната кохезија.

Во своето излагање Азески нагласи дека на дебатата настапува како претставник на приватниот сектор од Западен Балкан. Тој посочи дека, според истражувањата, повеќе од 90 % од компаниите во регионот сметаат дека корупцијата, сивата економија и нефункционалната администрација и натаму се меѓу најголемите пречки за развој на бизнисот.
Дополнително, тој укажа на предизвиците поврзани со недоволно развиената гасна и транспортна инфраструктура, како и на потребата од поефикасно функционирање на правната држава како предуслови за забрзување на економскиот развој и на европската интеграција на регионот.
Азески истакна дека интеграцијата на Западен Балкан треба да биде проследена со конкретни реформи што ќе создадат предвидлива деловна средина, ќе ја зајакнат конкурентноста на компаниите и ќе овозможат побрзо приближување до единствениот европски пазар.







