Словенечкиот судија Славко Винчиќ е назначен за главен судија на финалето на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина.
Веста лично му ја соопштил претседателот на Судискиот комитет на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, а 46-годишниот Винчиќ не можел да ги сокрие емоциите кога дознал дека ќе го суди најважниот натпревар на турнирот.
Финалето ќе се игра на стадионот „МетЛајф“ во Њујорк, а на Винчиќ ќе му асистираат неговите сонародници Томаж Кланчник и Андраж Ковачиќ.
Според словенечкиот весник Дело, покрај големата чест, судењето на финалето носи и значителен финансиски надомест. Главниот судија за финалниот натпревар би требало да заработи околу 60.000 американски долари.
Се проценува дека вкупната заработка на Винчиќ од Светското првенство би можела да достигне околу 140.000 долари, иако конечната сума ќе зависи од бонусите и пресметките на ФИФА.
Во таа сума е вклучен фиксен надомест од 70.000 долари за учество на Светското првенство, како и хонорарите по натпревар. Во групната фаза тие изнесувале околу 3.000 долари по натпревар, додека во нокаут-фазата биле нешто повисоки од 5.000 долари. ФИФА, сепак, официјално не ги објавила овие податоци за судиските примања.
Винчиќ важи за еден од најискусните европски арбитри. Судеше на Европското првенство во 2020 година, а во 2022 година го водеше финалето на Лига Европа меѓу Ајнтрахт Франкфурт и Ренџерс.
Две години подоцна му беше доверено и финалето на Лигата на шампионите меѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид, а судеше и на Европското првенство во 2024 година, вклучително и полуфиналето меѓу Франција и Шпанија.
Минатата година беше дел и од Светското клупско првенство во САД. Ова е негово второ Светско првенство. На Мундијалот во Катар во 2022 година судеше два натпревара, а на актуелниот турнир ги водеше средбите Бразил – Мароко и Јордан – Алжир во групната фаза, како и осминафиналниот дуел меѓу Мексико и Еквадор, пренесе „Индекс“.







