Македонскиот КИЦ во Белград продолжува со реализација на проектот „Портрети“ на познати македонски уметници кои живееле, работеле и стекнале статус на големи ѕвезди во Белград и во Србија. По минатогодишното исклучително успешно музичко портретирање на Зафир Хаџиманов, со учество на Бисера Велетанлиќ и неговиот син Васил, годинава КИЦ Белград ќе реализира музички портрети на три легендарни музички ѕвезди: Нина Спирова, Маја Оџаклиевска и Бети Ѓорѓевиќ.
Првиот од трите „Портрети“ посветен на Нина Спирова (Прилеп 1938- Коштуниќи, Р. Србија 2020), несомнено една од најголемите македонски инстерпретаторки на сите времиња, како на забавни мелодии, така и на традиционални македонски песни, ќе се случи вечерва во 20:30 ч, во просториите на КИЦ Белград.
Нина Спирова обележа цела една епоха во македонската и во музиката на поранешната југословенска заедница, оставајќи неизбришливи траги со нејзиниот глас и нејзините безвременски хитови, како што се „Еден бакнеж“, „Молчи Молчи“, „Ти езеро мое“ и многу други. Овие вечни мелодии, како и неколку староградски песни кои останаа најмногу препознатливи преку интерпретацијата на Нина Спирова, на вечерашниов концерт ќе добијат ново руво преку дуото формирано по овој повод: Александар Стоименовски-интепретатор и проф. Саво Милетиќ-клавијатури.
Александар Стоименовски роден во Виница во 1995 година, дипломира актерство на Академијата за уметност во Белград, како студент на генерацијата во класата на проф. Мирјана Карановиќ, има остварено забележителни театарски улоги на бројни театарски сцени во Белград, но и во Суботица и во Скопје, а музиката е негова голема пасија, од македонскиот фоклор и евергрини од 70-те и 80-те години на минатиот век, до госпелот и хорското пеење.
Проф. Саво Милетиќ е роден во Крагуевац во 1980 година и во моментов предава џез пијано на Факултетот за музичка уметност во Белград. Дипломира на престижниот Џез Универзитет во Грац, во 2015 година го снима својот прв авторски албум во Њујорк, со светски познати џез музичари, а има настапувано на музички сцени во Австрија, Франција, Шпанија, Словачка, Германија, Швајцарија, САД, Индонезија, како и во сите земји од поранешната југословенска федерација. Во 2009 година, завршува мастер студии на Универзитетот во Грац, со највисоки оценки.







