ВМРО-ДПМНЕ одговори на тврдењата од СДСМ дека без ребаланс нема да има пари ни за плати ни за пензии. Преку соопштение за јавноста партијата уверува дека СДСМ шири паника и измислува непостоечки финансиски проблеми.
„СДС повторно се обидува да создаде паника таму каде што нема проблем. За економијата не се зборува со измислици и политички конструкции, туку со факти и бројки. А фактите се јасни, министерката за финансии во ниту еден момент не кажала дека нема средства за плати, пензии или социјални надоместоци. Ова е уште една груба манипулација и свесно извртување на кажаното. Напротив, податоците од реализацијата на Буџетот покажуваат дека приходите се остваруваат согласно планираното, јавните финансии се стабилни, а ребалансот се прави заради новите економски околности, новите законски обврски и обезбедување дополнителни средства за развој, капитални инвестиции, земјоделство, општини и социјална заштита. Обезбедувањето средства за непречено исполнување на сите законски обврски не е знак на криза, туку доказ за одговорно управување со јавните финансии. За разлика од времето на СДС, кога граѓаните беа оставени да се справуваат со рекордна инфлација, раст на долговите и пад на животниот стандард, денес државата има јасен план, стабилен Буџет и економија која расте. Иронијата е што токму СДС денес зборува за економија. Истата партија која зад себе остави рекордна инфлација од 14,2 проценти во 2022 година, една од највисоките во историјата на државата, која го урна животниот стандард на граѓаните.
Истата партија за чие владеење буџетскиот дефицит во 2020 година достигна 8 проценти од БДП, а јавниот долг за неколку години порасна од 4,8 на над 8,5 милијарди евра. За време на владите на СДС, просечниот економски раст во периодот 2017-2023 година изнесуваше само околу 1,8 проценти, додека денес економијата повторно е на патека на раст. Во 2024 година растот достигна 3 проценти, во 2025 година 3,5 проценти, а и годинава економијата продолжува да расте, во првиот квартал годинава реалниот раст на БДП изнесува 3,1% Фактите покажуваат и дека растат странските директни инвестиции, растат платите, невработеноста се намалува, а довербата во македонската економија се зголемува. Тоа се резултатите. А резултатите не можат да се сокријат со партиски соопштенија исполнети со навреди и измислици. Разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС е очигледна. Додека СДС зад себе остави висока инфлација, рекордни дефицити и економска неизвесност, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ обезбедува стабилни јавни финансии, редовно сервисирање на сите обврски кон граѓаните и капитални инвестиции со ребалансот на Буџетот од околу 46 милијарди денари. Оттука, наместо СДС да шири паника и да измислува непостоечки финансиски проблеми, подобро е да им се извини на граѓаните за економските последици што ги остави зад себе.
Граѓаните добро паметат кој ја донесе рекордната инфлација, кој ги зголеми долговите и кој ја остави државата со слаб економски раст. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да води политики што носат економски раст, финансиска стабилност и повисок животен стандард за граѓаните, наместо политики на манипулации и празни политички соопштенија. СДС со години ја гради својата политика врз ширење страв и лажни сценарија. Прво тврдеа дека државата ќе банкротира во 2024 година, потоа во 2025 година, а денес повторно ја шират истата невистина. Фактите се поинакви, економијата расте, Буџетот е стабилен, капиталните инвестиции се реализираат, а сите обврски кон граѓаните се исплаќаат редовно. Граѓаните одамна ја препознаваат разликата меѓу политиката на манипулации на СДС и политиката на резултати што ја води Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.







