(Видео) Мартинијан Кириловски ја претстави Македонија на фестивалот „Бисер Јадрана 2026“

Македонскиот пејач Мартинијан Кириловски ја претстави Македонија на едно од најзначајните регионални музички случувања – фестивалот „Бисер Јадрана 2026“, кој се одржа на 18 јули во Тиват, Црна Гора.

Со сигурен сценски настап и моќна интерпретација, Кириловски остави силен впечаток кај публиката, колегите и музичките професионалци, потврдувајќи дека чекор по чекор го гради своето име и надвор од македонските граници.

На фестивалската вечер настапија 25 композиции, а песната „Сирена“, со која Кириловски ја претстави Македонија, го освои високото 9. место. Но, самиот избор на композицијата за учество претставува значаен успех, имајќи предвид дека беше избрана меѓу повеќе од 170 пријавени песни од автори и изведувачи од целиот регион.

Инспирирана од старогрчкиот мит за сирените, композицијата ја пренесува вечната борба меѓу искушението и разумот. Низ современ музички израз и впечатлива мелодија, „Сирена“ го доловува магичниот повик на сирените и внатрешната борба да му се одолее на она што најсилно нè привлекува.

Зад „Сирена“ стои проверен авторски тим. Автор на музиката и текстот е Митко Чешларов, а аранжманот го потпишува Ангел Ќосев, со што повторно ги здружија силите по успехот на песната „Sećanje na april“. Композицијата е снимена во студиото „Подрумот“.

Scroll to Top