Во момент кога Гостивар се соочува со една од најтешките здравствени катастрофи, министерот Клековски не најде за потребно да се извини за институционалниот пропуст, да ја преземе одговорноста или да одговори како системот и институциите под негова надлежност дозволил подолго време да не го заприметат и идентификуваат проблемот. Наместо тоа, одлучи да им држи лекции на докторите и да ги обвинува дека зборуваат за лајкови и кликови, велат од Левица.
Според партијата, ова е типична ароганција на вмровски комесар кој се обидува да ја замолчи медицинската, експертската јавност за да го прикрие дебаклот на институциите и, како што велат, да продолжи од петни жили да прави привид дека власта успешно се справува со проблемот.
„Клековски се осмелува да ги прекорува професорите од кои учел, доктори и специјалисти што имаат реална клиничка практика, и покрај тоа што според неговата биографија покажува дека професионалниот пат му е врзан за раководење со невладина организација, консултантска работа, а никако за долгогодишно лекување пациенти во болнички ординации. Одвај завршениот медицински факултет не му дава право од министерската фотелја да прогласува кои доктори смеат да зборуваат, особено кога зад себе нема никаква клиничка кариера со која би можел да им дели професионални легитимации на оние што секојдневно работат со болни луѓе. Уште погротескно е што вакви квалификации доаѓаат од власт која за директорка на Институтот за јавно здравје ја постави Марија Андоновска – кадар со стоматолошки факултет. Институцијата што треба да биде национален столб на епидемиологијата, микробиологијата и превентивната медицина е доверена на партиска функционерка од областа на стоматологијата, но Клековски опасноста ја гледа во професори, доктори, експерти кои јавно укажуваат на пропустите“, велат од Левица.
Значи, велат од партијата, според логиката на ДПМНЕ, министер за здравје може да е човек без ден реално работно искуство како доктор, стоматолог може да раководи со врвната институција за јавно здравје, нивните функционери можат секојдневно да трескаат медицински бесмислици , но доктор што не е дел од партискиот хор треба да молчи за да не собира лајкови.
„Клековски не ја штити јавноста од нестручни совети, туку сопствената власт од стручни прашања на кои нема одговор. Кога аматерите се на функции, а професорите се повикуваат да молчат, тогаш проблемот не е во лајковите и кликовите, туку во режимската потреба секоја медицинска вистина прво да добие партиска дозвола. Во таков систем најголемата опасност не се докторите што зборуваат, туку функционерите што не знаат, не постапуваат и сепак си дозволуваат да им ја мерат компетентноста на оние од кои требало да учат“, се наведува во соопштението од Левица.







