Комитетот за светско наследство на УНЕСКО одлучи Охридскиот регион да не биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Наместо тоа, на Владата ѝ се дадени дополнителни пет години за спроведување на забелешките на УНЕСКО за заштита на регионот.
„Со тоа УНЕСКО повторно ѝ даде шанса на Македонија. Но ова не е победа. Ова е веројатно последната опомена“, велат од Левица.
Од партијата посочуваат дека одлуката не треба да биде причина за славење, туку причина за преиспитување на досегашното работење на институциите.
„Со години добиваме нови рокови, нови препораки и нови предупредувања, а проблемите остануваат исти. Денес зборуваме за 4.847 дивоградби во Охридскиот регион, бројка која сама по себе покажува дека институциите со години ги туркаат проблемите под тепих и не ја вршат својата работа. Најдобар доказ за тоа е што од 2019 до 2024 година биле издадени 456 конечни и извршни решенија за уривање, а ниту едно не било спроведено“, наведуваат од Левица.
Според нив, изјавите дека дивоградбите „треба да се рушат на законски начин“ доаѓаат предоцна.
„Прашањето е зошто тие воопшто биле дозволени да се изградат? Каде беа институциите кога никнуваа илјадници нелегални објекти? Владеењето на правото не започнува со рушење, туку со спречување на беззаконието“, велат од партијата.
Од Левица додаваат дека со години укажуваат на проблемите со заштитата на Охридскиот регион и дека УНЕСКО повеќе од една деценија ги повторува истите забелешки – отстранување на дивоградбите, запирање на неконтролираната урбанизација, заштита на крајбрежјето и доследно спроведување на законите.
„Наместо исполнување на препораките, државата со години се потпира на нови пролонгирања. Охрид не смее да стане пример како се троши меѓународниот кредибилитет на една држава, а статусот на светско наследство не е вечен. Тој се заслужува со одговорно управување, кое очигледно го нема“, стои во соопштението.
Од Левица оценуваат дека добиените пет години не се резултат на успешното управување, туку последна можност за исполнување на преземените обврски.
„Ако и оваа шанса биде потрошена на изјави, комисии и административни процедури, тогаш вината ќе мора да ја побараме кај оние што со години дозволуваа Охрид да се претвора во симбол на институционална негрижа, наместо во пример за заштита на светското наследство“, додаваат од партијата.







