Земјоделското производство расте, акумулациите од 8 достигнаа над 70 проценти исполнетост, кажа Мицкоски

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на резултатите во земјоделството, во делот на наводнувањето, тутунот и лозарството, изјави дека не треба да се заборави дека акумулациите коишто се користеа за наводнување на земјоделските поседи во август месец 2024 година беа на 8%.

„Најпрвин треба да споменеме како беше и како е. Не треба да заборавиме дека акумулациите коишто се користеа за наводнување на земјоделските поседи во август месец 2024 година беа на 8%. Денеска се над 70%. Со домаќинско работење и со начин на којшто оваа Влада функционира, речиси 9 пати е зголемен, 10 пати е зголемен капацитетот на акумулациите.

Второ, треба исто така да се спомене дека 3 плати во АД Водостопанство не беа исплатени на вработените. Кога зборуваме и кога критикуваме, ова се однесува на опозицијата, мора да направиме и една ретроспектива, како беше. Затоа што знаете вие, морате да компарирате нешто со нешто, не можете на чувства да зборувате.

Така што, еве јас и тоа би го споменал дека 3 плати не беа исплатени, исто така и во Национални шуми 3 плати не беа исплатени. Да не зборам колку се доцнеше со субвенциите, две годишни програми отприлика се доцнеше со субвенциите. И сето тоа создаваше, би рекол еден немир, една неизвесност и така натаму“.

Денеска, вели Мицкоски, состојбата сосема поинаква.

„Се одблокира практично кредитот од КФВ Банката од 80 милиони евра за средства коишто ќе се користат за три нови проекти во делот на наводнувањето. И мислам дека со проектот „Страиште“ веќе почнуваме да го подготвуваме и тендерот и почнуваме со негова изработка. Зборувам за проект за којшто граѓаните на Македонија 7 години камата плаќале, а ништо не се правело. Сега веќе почнуваме да тоа сѐ го операционализираме.

Така што, кога сето ова ќе се земе предвид, навистина можеме да кажеме дека има исклучително голем напредок споредено со состојбата која ја наследивме. Некој од опозицијата ќе рече, ама добро тогаш беше така, ние изгубивме избори. Ама ние мораме да се споредиме со некого, не може на чувства да ги зборуваме работите. Ние мора да кажеме како не чинело и како е сега, за да видиме како да биде подобро“.

Најави дека ваквите владини политики ќе продолжат.

„И во делот на лозарството и кај тутунарите, од 16 милиони килограми тутун, дојдовме до 26 милиони килограми. Од цени од 150-160 денари, дојдовме до 420-430 денари за килограм. Кај лозарството, исто така од 60-70 милиони килограми, дојдовме на 120, очекуваме оваа година да биде родот, 120 милиони килограми. Така што ова се егзактни параметри и ова се бројки пред коишто не може некој да спори. Можат само се разбира залутани квази експерти во фелата да кажуваат поинакви параметри.“

Scroll to Top