Геополитичките тензии, трговските ограничувања и забрзаната енергетска транзиција ги претворија критичните минерали во едни од најважните стратешки ресурси во светот. Во најновиот извештај „Глобални перспективи за критични минерали 2026“, Меѓународната агенција за енергетика (IEA) предупредува дека економската стабилност и индустрискиот развој сè повеќе зависат од сигурен и отпорен синџир на снабдување со минерални суровини.
И покрај тоа што геолошките истражувања покажуваат дека Македонија располага со значајни резерви на бакар, особено во Иловица, земјата сè уште не е активен учесник во глобалниот пазар на критични минерали. Во меѓувреме се најавуваат и дополнителни истражувања за потенцијалните резерви на антимон – минерал чија стратешка важност исто така расте.
„Побарувачката за клучните енергетски минерали како бакар, литиум, никел, кобалт, графит и ретки земни елементи продолжи силно да расте и во 2025 година, главно поради нивната употреба во батерии за електрични возила, системи за складирање енергија, електроенергетска инфраструктура, ветерни турбини, соларни панели и магнети со високи перформанси. Во последните години побарувачката за овие минерали растеше со просечна стапка од околу 10 проценти годишно, што е повеќекратно повеќе од растот на побарувачката за традиционалните индустриски метали“, се наведува во извештајот на IEA.
Во Македонија денес работат четири металични рудници, а единствениот активен рудник за бакар – „Бучим-Боров Дол“ – постепено ги исцрпува своите резерви. Инвестициите во Казандол и Кожуф не се реализираа, додека единствениот поголем проект за нов рудник за бакар останува Иловица–Штука, чија реализација со години се одложува.
Во меѓувреме, бројни професори, геолози и рударски инженери јавно посочуваат дека современите технологии што се предвидени за проектот ги исполнуваат европските стандарди за заштита на животната средина. Поддршка за ваквиот пристап даде и локалната иницијатива „И здравје и работа“.
„Во изминатиот период бројни професори, геолози, инженери и други експерти јавно зборуваа за современите технологии што денес се применуваат во рударството и за високите европски стандарди за заштита на животната средина. Нивните ставови заслужуваат внимание и почит, бидејќи се темелат на знаење, долгогодишно искуство и научни факти. Веруваме дека државата треба да ги слуша токму тие гласови. Одлуките за стратешки проекти не смеат да зависат од притисок од мала група луѓе без соодветно образование и искуство во рударството, туку од законите, стручните анализи и институциите. Само така може истовремено да се заштитат природата, здравјето на граѓаните и јавниот интерес“, соопштија од иницијативата.
Во извештајот се нагласува и дека цените на основните метали продолжуваат да растат поради ограничената понуда. Бакарот достигна историски максимум на почетокот на 2026 година, кога цената надмина 14.000 американски долари за тон, а дополнителен притисок врз пазарот создаде и одлуката на неколку големи економии да формираат стратешки резерви од овој метал.
„Залихите на бакар на Лондонската берза на метали (LME) и Шангајската берза за фјучерси (SHFE) останаа исклучително чувствителни. Намалената понуда, растечката побарувачка и очекувањата за воведување американски увозни тарифи дополнително ги поттикнаа движењата на залихите кон американските складишта COMEX“, наведува IEA.
Агенцијата предупредува и дека глобалниот синџир на снабдување со критични минерали и ретки земни елементи во голема мера останува концентриран во Кина, што дополнително ги мотивира САД, Европската Унија и другите развиени економии да бараат нови извори на снабдување и да ги забрзаат инвестициите во сопствени или партнерски проекти за експлоатација на критични минерали.
ПР






