ДОМ: Не ни требаат уверувања, туку јасни правила за изградба на дата центри

Изјавата на министерот за дигитална трансформација дека изградбата на дата центри нема да ја загрози животната средина доколку се почитуваат стандарди отвора едно многу важно прашање – кои стандарди, каде се тие и кој ќе гарантира дека ќе се почитуваат?, прашува ДОМ.

„ДОМ не е против дигиталната трансформација. Напротив, Македонија има потреба од современа дигитална инфраструктура и технолошки развој. Но, зелениот и дигиталниот развој мора да одат заедно.

Во последните години сведоци сме на бројни случаи во различни области за кои институциите требаше да гарантираат дека нема да имаат негативни последици, а подоцна јавноста плаќаше висока цена поради недоволна транспарентност, слаб инспекциски надзор и недоследно спроведување на законите.

Токму затоа не се доволни политички уверувања дека „нема да има штета“. Потребни се јасни и јавно достапни правила.
ДОМ бара Владата да одговори на неколку клучни прашања:

• Дали веќе постојат јасно дефинирани еколошки критериуми за избор на локации за дата центри?
• Дали за секој проект ќе биде задолжителна проценка на влијанието врз животната средина согласно природата и карактеристиките на самиот проект?
• Дали ќе се објавуваат анализи за потрошувачката на електрична енергија и вода, како и мерките за нивно одржливо користење?
• Каков ќе биде системот за контрола и надзор врз работењето на дата центрите?
• Дали Македонија ќе ги следи најдобрите европски практики и стандарди за енергетска ефикасност, користење обновливи извори на енергија и одржливо управување со ресурсите?

Дата центрите можат да придонесат за развој на дигиталната инфраструктура, но тие истовремено претставуваат значителни потрошувачи на електрична енергија и вода. Затоа нивното планирање не смее да се сведува на политички изјави, туку мора да биде засновано на научни анализи, транспарентност и строги еколошки критериуми.

ДОМ нема да прифати и поддржи било каков проект што се темели на ветувања наместо на јасни правила, независен надзор и целосна отчетност пред јавноста.

Дигиталната иднина на Македонија мора да биде одржлива, зелена и во интерес на сите граѓани, а не на поединечни приватни интереси“, велат од ДОМ.

Scroll to Top