Телото на младата Русинка Људмила Туркова Константиновна од Санкт Петербург, која исчезнала на 25 јули, било пронајдено во куфер во каналот Визељ кај Падинска Скела, а под сомнение за убиството е уапсен 25-годишниот турски државјанин К. Е., објави „Телеграф.рс“.
Според сомнежите на истрагата, осомничениот ја убил Људмила во изнајмен стан во белградската населба Борча, а потоа нејзиното тело го ставил во куфер и го однел до каналот Визељ во Падинска Скела, каде што го сокрил.
Како што наведува медиумот“, К. Е. бил уапсен на аеродромот „Никола Тесла“ додека се обидувал да ја напушти Србија. По неговото апсење почнала потрага во околината на каналот.
Репортерка на „Телеграф.рс“ од местото на настанот јавува дека никој од жителите не слушнал ниту видел нешто сомнително, бидејќи каналот не минува низ населен дел на Падинска Скела. Делот каде што бил пронајден куферот е тешко пристапен и целосно обраснат со ниска вегетација, поради што никој со денови не го забележал.
Потрагата била спроведена со полициски кучиња. Службеното куче Аки, заедно со својот водич, припадникот на Полициската бригада Владан Ковачевиќ, го лоцирало местото каде што се наоѓал куферот, по што било пронајдено телото на девојката.
Според руски медиуми, Људмила допатувала во Србија на двонеделен престој и изнајмила стан во Белград. Ноќта меѓу 25 и 26 јули ѝ испратила порака на мајка си дека е на прошетка со пријателки и дека ќе ѝ се јави следниот ден. Потоа престанала да комуницира и не се вратила по своите лични работи, наведува „Телеграф.рс“.







