Зеленски: Украина остана без ракети за пресретнување за системите „Патриот“ по рускиот напад

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Украина останала без ракети за пресретнување за системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, по новиот голем руски ноќен напад врз земјата.

Според него, во нападот била соборена само една балистичка ракета, додека руските сили извршиле масовен воздушен напад со ракети и беспилотни летала.

Украинските власти соопштија дека само во Киев загинале најмалку девет лица, а повеќе од 30 се повредени. Зеленски на социјалните мрежи напиша дека спасувачките екипи сè уште гасат повеќе пожари што избувнале во главниот град и околниот регион.

Тој информираше дека се оштетени 18 станбени згради, училишта, амбасадата на Литванија и инфраструктурни објекти.

„Руските напади погодија обични станбени згради“, напиша Зеленски.

Според украинскиот претседател, Русија во текот на ноќта лансирала 35 ракети, од кои 27 балистички, како и 185 јуришни дронови од различен тип. Главна цел бил Киев, но нападнати биле и регионите Днипропетровск, Суми, Харкив и Полтава.

Зеленски истакна дека причината за мал бројот на соборени балистички ракети е тоа што Украина немала доволно пресретнувачки ракети за системите „Патриот“, американско производство.

„Клучно е партнерите да разберат дека овие способности не се потребни за некакви хипотетички сценарија во резервите, туку овде и сега, за да се спречи и запре руската војна во Украина“, порача Зеленски.

Тој додаде дека секој пакет ракети за пресретнување балистички проектили спасува животи, а секоја ноќ без доволна противвоздушна одбрана носи поголем број жртви.

Scroll to Top