Многу топло време до крајот на следната седмица, УХМР најавува температури над 40°C

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека под влијание на топла воздушна маса од југ во деновите од продолжениот викенд и до крајот на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност.

„Дневната температура насекаде ќе биде над 33°C, а во некои места ќе надмине 40°C. Високи температури ќе се задржат и во текот на ноќните часови“, велат од УХМР.

Институтот за јавно здравје упатува препораки до граѓаните да избегнуваат директна изложеност на сонце во најтоплиот период од денот, од 11 до 17 часот. Се препорачува носење светла и лесна облека, заштитни очила и светлобојна капа, како и почести одмори во сенка доколку престојот на отворено е неопходен.

Од ИЈЗ советуваат да се внесува доволно течности, особено вода и минерални безалкохолни пијалаци, без да се чека појавата на жед. Граѓаните треба да избегнуваат алкохол, пијалаци со кофеин, многу студени пијалаци, како и масна и висококалорична храна и производи со голема количина шеќер.

Посебна претпазливост се препорачува кај лицата над 60 години, бремените жени, децата, социјално ранливите категории, работниците кои работат на отворено, како и лицата со хронични заболувања, меѓу кои кардиоваскуларни, невролошки, белодробни и бубрежни заболувања, дијабетес, ментални нарушувања и дебелина.

Од ИЈЗ апелираат овие лица редовно да ја земаат пропишаната терапија и при какви било промени во здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.

При појава на симптоми како зашеметеност, слабост, вознемиреност, силна жед или главоболка, потребно е веднаш да се побара помош, да се премести лицето во поладен простор, да се измери телесната температура и да се внесуваат вода или негазиран минерален пијалак.

Во случај на топлотни грчеви, кои најчесто се јавуваат во нозете, рацете или стомакот, се препорачува одмор на ладно место и внесување течности со електролити. Доколку грчевите траат подолго од еден час, потребно е да се побара лекарска помош.

Scroll to Top