Големи шумски пожари во Грција, евакуации во близина на Атина

Шумски пожари денеска беснеат во повеќе делови на Грција, вклучително и во близина на Атина, а силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето и евакуацијата на загрозеното население.

Грчките власти издадоа предупредувања за опасност од пожари во неколку области во регионите Атика и Евиа. Од вчераутро низ земјата се пријавени повеќе од 70 шумски пожари, а високите температури, сувото време и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење.

Најголем пожар е активен во близина на крајбрежниот град Порто Гермeно, околу 60 километри западно од Атина. Во гаснењето се вклучени и авиони, по цела ноќ борба на пожарникарите со огнената стихија.

Поради пожарот, властите наредија евакуација на жителите од Порто Гермeно, Псата и Митикас преку системот за итни случаи.

Локалните медиуми јавуваат дека 12 лица биле спасени со чамци во текот на ноќта, а огнот уништил повеќе куќи и едно противпожарно возило.

Пожар избувнал и во планинскиот дел западно од Атина, каде што стигнал до предградието Хајдари и се приближил до психијатриската болница Дафни. Од објектот превентивно биле евакуирани 17 пациенти, иако пламените јазици не го зафатиле просторот на кој се наоѓа болницата.

Со пожарите се борат екипи и во северозападниот дел на Пелопонез, додека состојбата на Крит е подобрена.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис го посети кризниот центар на Цивилната заштита за да добие информации за состојбата и активностите за справување со пожарите.

Scroll to Top