ПСЖ и Ајакс во преговори за Мика Годтс

Пари Сен Жермен постигна принципиелен договор за платата со крилниот напаѓач на Ајакс, Мика Годтс, но трансферот не е завршен бидејќи двата клуба сè уште не се договориле за обештетувањето.

Според „Goal.com“, Ајакс бара околу 60 милиони евра за 21-годишниот белгиски фудбалер, што е главната пречка во преговорите.

Иако техничкиот директор на холандскиот клуб, Жорди Кројф, не е заинтересиран за продажба на еден од најважните играчи на тимот, тој е свесен дека понуда од таква вредност би можела да ја промени ситуацијата.

Годтс, според менаџерот, Нилс Де Јонк, ги прифатил условите што ги понудил ПСЖ, и доколку клубовите постигнат договор, тој треба да го потпише договорот до летото 2031 или 2032 година.

„ПСЖ јасно покажа дека сака да го доведе по секоја цена. Мика сака да се пресели во Париз и верувам дека клубовите ќе се договорат за обештетувањето“, изјави Де Јонк за холандски „De Telegraaf“.

Менаџерот, додаде дека одлуката не била лесна, бидејќи белгискиот репрезентативец сакал да продолжи со Ајакс, но дека не се одбива можноста да се пресели во европски гигант каков што е ПСЖ.

Годтс е член на Ајакс од почетокот на 2024 година, кога пристигна од Генк за околу еден милион евра. Оттогаш, тој одигра 113 натпревари за клубот од Амстердам, постигна 25 гола и забележа 27 асистенции, потврдувајќи го својот статус како еден од најталентираните млади играчи во Ередивизие.

Неговиот договор со Ајакс е до летото 2029 година, што дополнително ја зајакнува преговарачката позиција на холандскиот клуб во разговорите со европскиот шампион.

Foto/ Depositphotos

Scroll to Top