Депонијата не е на територија на Град Скопје, а водата во Скопје е микробиолошки и хемиски исправна, вели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на обвинувањата дека нова еколошка катастрофа тлее кај Рашче и дека под закана е изворот од кој со вода се снабдува Скопје.
„Изминатиов период во јавноста и на социјалните мрежи се пласираат информации за површинска депонија која се поврзува со изворот ‘Рашче’, а со тоа се создава непотребен страв и паника кај граѓаните во однос на безбедноста на водата за пиење. Затоа, сакам најпрво да ги кажеме фактите. Депонијата за која се зборува не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите ‘Рашче’ и истата постои веќе 30 години. Без разлика на тоа, секоја депонија која претставува еколошки проблем треба да биде исчистена“, вели градоначалникот.
Додава дека ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје е задолжено да постапи во рамки на своите надлежности, а Град Скопје ќе застане со целосна поддршка за оваа локација да биде расчистена, иако не е на наша територија.
Ѓорѓиевски вели дека водата во Скопје е исправна и дека изворот „Рашче“ е под постојан надзор и обезбедување.
„Истовремено, сакам јасно и недвосмислено да порачам – водата што ја пијат скопјани е безбедна. Резултатите од секојдневните анализи на водата покажуваат дека таа е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за пиење. Секој ден дополнително се земаат примероци од 36 до 40 различни локации низ водоснабдителниот систем, кои детално се испитуваат во лабораториите на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје. Изворот ‘Рашче’ е под постојан, 24-часовен надзор и обезбедување. Станува збор за простор кој е силно заштитен со видеонадзор, како и со физичко обезбедување на голема површина околу изворот“, вели Ѓорѓиевски.
Тој упати порака до граѓаните да бидат спокојни и дека Скопје има безбедна вода за пиење.
„Со здравјето на граѓаните нема политика, нема манипулации и нема компромиси. Никогаш нема да премолчам доколку постои каков било ризик по здравјето на скопјани. Но, исто така, нема да дозволам со невистини, шпекулации и ширење паника да се создава недоверба таму каде што фактите, анализите и резултатите јасно го покажуваат спротивното. Се грижиме за нашето Скопје“, вели Ѓорѓиевски.







