Концертот на Иван Наумовски и Елена Атанасовска-Ивановска, насловен „Ideale“, на „Бит Фест“

На 15 август, со почеток во 20:00 часот во Офицерскиот дом, како дел од програмата на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ публиката ќе има можност да го проследи концертот „IDEALE“, на кој ќе настапат македонскиот бас – баритон и доцент по соло пеење Иван Наумовски и пијанистката Елена Атанасовска – Ивановска, вонреден професор на катедрата по клавишни инструменти при Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Концертот носи внимателно одбран репертоар кој ги спојува големите имиња на руската, германската, италијанската и француската музичка традиција со македонското музичко наследство.

Публиката ќе има можност да слушне дела на Рубинштајн, Чајковски, Даргомижски, Штолц, Штраус, Шуберт, Тости и Ибер, меѓу кои и култната „Ideale“ од Тости, по која концертот го добива своето име. Особено место во програмата зазема и циклусот „Шансоните на Дон Кихот“ од Ибер, како и интерпретациите на македонските народни песни „Кога падна на Пирина“ и „Сношти минав покрај вази“, во обработка на Горан Начевски и Дарија Андовска.

Иван Наумовски е еден од најафирмираните македонски вокални уметници од својата генерација. Бас-баритонот, кој е доцент по соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, своето образование го надградува на престижните универзитети за музика и изведувачки уметности во Грац и Виена.

Неговата професионална кариера опфаќа настапи на значајни оперски и концертни сцени во Европа и САД, како и учества на реномирани фестивали. Оперското деби го остварува во Опера Грац, а настапувал и во Македонската опера и балет, со репертоар кој вклучува повеќе значајни улоги.

Особено важен момент во неговата кариера е дебито во 2025 година во Златната сала на Музикферајн во Виена, една од најпрестижните концертни сали во светот.

Партнер на сцената ќе му биде Елена Атанасовска – Ивановска, вонреден професор на Катедрата по клавишни инструменти при Факултетот за музичка уметност – Скопје. Таа е препознатлива по префинетиот звук, елегантниот музички израз и богатото концертно искуство. Како солист и камерен музичар настапувала во повеќе европски земји, како и во САД, а соработувала со бројни истакнати домашни и странски уметници.

Со својата богата програма, концертот „IDEALE“ ветува музичка вечер во која виртуозноста, емоцијата и раскошот на вокалната интерпретација ќе се сретнат со суптилноста и моќта на пијаното.

БИТ ФЕСТ – 15 август, 20:00 часот, Офицерски дом – Битола.

Вечер посветена на музиката, големите автори и врвните македонски уметници.

Scroll to Top