Пет години по доаѓањето на талибанците на власт во Авганистан, околу 2,4 милиони девојчиња и натаму немаат пристап до средно образование. Обединетите Нации повторно повикаа на итно враќање на нивното право на образование.
Од УНЕСКО велат дека Авганистан е единствената земја во светот каде на девојчињата и жените официјално им е забрането средно и високо образование.
Талибанците ја презедоа власта на 15 август 2021 година, а набрзо им забранија на девојчињата да посетуваат средно училиште. Ограничувањата подоцна беа проширени и на високото образование, вработувањето и други области, со што жените во голема мера беа исклучени од јавниот живот.
Според УНЕСКО, овие мерки поништиле голем дел од напредокот постигнат во претходните две децении. До 2021 година, речиси еден милион девојчиња биле запишани во средните училишта.
И покрај забраните, УНЕСКО продолжува да поддржува програми за описменување и развој на вештини во локалните заедници, како алтернатива за оние на кои им е оневозможено формално образование.







